

Иван Блажев завршил студии по филмска режија и фотографија на Бруклин колеџот при Градскиот универзитет на Њујорк, САД.
По завршувањето на студиите работи како асистент на продукција за култната продуцентска куќа за документарни филмови Maysles Films во Њујорк, САД.
Автор е на неколку кратки играни и документарни филмови кои биле прикажувани на домашни и меѓународни фестивали, а има режирано и рекламни и музички спотови.
Од 2001 година почнува интензивно да се занимава со фотографија.
Изложува во Македонија и надвор, на самостојни и групни изложби.
Досега има поставено пет самостојни изложби.
Во 2008 година неговиот проект Македонија сонувајќи е дел од програмата По ѕидовите – Источна Европа по 1989 г. на престижниот Нордерлихт фото фестивал, Холандија.
Во периодот од 2001 – 2008 предава Фотографија и филмска уметност во меѓународната гимназија НОВА во Скопје, држи курсеви по фотографија во Македонскиот центар за фотографија, а има одржано и работилници за фотографија и видео на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ, како и повеќе работилници за млади.
Од 2008 година предава Фотографија и Мултимедија на Прв Приватен универзитет-Европскиот универзитет – Република Македонија.
Има објавено повеќе книги со фотографии: Блесоци (2004) и Дома (2009), издавач Македонскиот центар за фотографија, Македонија сонувајќи (2007) и Скопје со очи широко отворени (Владимир Јанкуловски коавтор, 2008), издавач Темплум и Исток (групна презентација), издавач Мосер Верлаг (2008).
Добитник е на грантови и повеќекратно наградуван за својата фотографска работа.