

Димитриеска Савица е родена на 2 ноември 1970 година во Гевгелија. Дипломирала на Економскиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" –Скопје во 1993 година, на насока Маркетинг и надворешна трговија, со висок просечен успех за што се здобила со наградата – "Студент на генерација". Магистрирала на Економскиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" –Скопје во 2000 година, на тема "Мотивација и однесување при работа". Во периодот 2001 – 2002 година, ги продолжува студиите во САД на Универзитетот во Чикаго – Илиноис, САД, како Фулбрајт-стипендист на Бирото за образование и култура на САД. Докторирала на Економскиот институт во Скопје во 2008 година на тема "Идејата за Нова Европа – нови политики и финансиска перспектива 2007-2013 година".
Таа има 16 години работно искуство, започнувајќи ја својата професионална кариера во Државниот завод за статистика на Република Македонија, потоа во Владата на Република Македонија во Секторот за европска интеграција формиран во надлежност на потпретседателот на Владата за европски прашања и Т-Мобиле АД Македонија- Скопје, сектор – финансии. Од октомври 2008 година, таа е избрана за доцент доктор на Европскиот Универзитет Република Македонија-Скопје.
Во текот на студирањето и работењето, има остварено голем број студиски престои во различни земји (Велика Британија, Франција, Данска, Италија, Швајцарија, Белгија, Луксембург, Естонија, Хрватска, Латвија, Грција), учествувано на голем број конференции, работни групи, состаноци со свои презентации и трудови. Автор е на два учебника од областа на маркетингот, "Маркетинг комуникации" и "Маркетинг менаџирање на набавки".