

Д-р Биљана Перчинкова дипломирала на Електротехничкиот Факултет во Скопје на насоката електроника при што за време на студиите била наградувана како еден од најдобрите студенти. Магистрирала на Електротехничкиот Факултет во Загреб на насоката Компјутерски науки со просечна оценка 10 (десет) одбранувајќи ја магистерската тема од областа на дистрибуираните системи. Докторирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ под менторство на проф. Д-р Миодраг Новаковиќ од Универзитетот во Нови Сад изработувајќи тема „Развиток на нова метода за решавање нелинеарни системи со примена во инженерската и економската практика“.
Во периодот 2008-2009 д-р Биљана Перчинкова била Ректор на МИТ Универзитетот во Скопје и предметен наставник на група предмети од областа на компјутерските науки. Во периодот 2005-2008 била најпрвин Продекан потоа Декан на Факултетот за Комуникациски науки и технологии при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и предметен наставник по предметите Introduction to Control Systems, Operations Research, Self-Referenced Systems, Discrete Mathematics и Numerical Analysis на додипломско и постдипломско ниво, како и ментор на пет докторанти и поголем број магистранти од областа на компјутерските науки и системското инженерство.
Во периодот 1985-2005 во текот на дваесет години проф. Д-р Биљана Перчинкова била доцент, потоа вонреден и редовен професор на предметите Нелинеарни системи за автоматско управување, Операциони истражувања, Проектирање на системи за автоматско управување, Автоматизација на процеси во производството, Компјутерско водење на процеси и други. Била повеќегодишен Раководител на Институтот за автоматика и системско инженерство при ЕТФ – Скопје. На почетокот на својата кариера работела како апликативен и систем програмер во Центарот за електронска обработка на податоци при Стопанската Банка во Скопје.
Освен на Електротехничкиот факултет, Универзитетот на Југоисточна Европа, МИТ Универзитетот и Европскиот Универзитет, д-р Биљана Перчинкова предавала и на Воената Академија во Скопје, ММ Колеџот во Скопје, Економскиот факултет во Штип, Економскиот факултет во Прилеп и Рударско-геолошкиот факултет во Штип.
Проф. Д-р Биљана Перчинкова била на два долгорочни престои на Универзитети во САД, како UCLA Универзитетот во Лос Ангелес, Калифорнија и Berkeley Универзитетот во Калифорнија. Два пати била на краткорочни престои на Fachhochschule – Bielefeld, Elektrotechnik Fachbereit.
Автор е на книгите „Релативност, хаос, Гедел“ (309 стр.) , „Книга за сопството; научни и философски основи на свеста“ (464 стр.), „Збирка решени задачи на Фортран“ и бројни скрипти од областите коишто ги негува, како и на преку 100 труда објавени и презентирани на меѓународни и домашни конференции и конгреси.
Била раководител на повеќе проекти од кои позначаен е „Self-Referenced Systems and Applications in Quantum Physics and Artificial Intelligence“ пријавен на УЈИЕ во рамките на којшто била на двомесечен престој на New South Wales University во Сиднеј, Австралија и во Институтот за нуклеарни истражувања CERN во Женева.