

Роден е на 13.12.1955 година во с. Растојца, Крушевско. Со високо образование се стекнал на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград, каде што дипломирал на 4.10.1977 година, со стручен назив дипломиран политиколог, новинарска насока. Магистрирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, со звање Магистер по политички науки. Одбранил докторска дисертација на тема „Односот меѓу политичкиот систем и информационо-комуникациониот систем со посебен осврт на информационо-комуникациониот систем на Република Македонија" во текот на 1995 година, на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, и се стекнал со научниот степен доктор на политички науки.
Од 1980 година бил вклучен во работата на Интердисциплинарните студии
по новинарство на Скопскиот универзитет: најпрвин како асистент, потоа
(во времето од 1985 до 1997 година) како предавач, а во 1997 година е
избран во наставничко звање доцент по предметот Теорија и практика на
новинарството. Со тоа звање во периодот од 1997 до 2006 година изведува
настава, консултации и испити на постдипломските студии по комуникации
на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје по
предметот „Македонско-информациско-комуникациски системи". Бил ментор и
член на комисии за одбрана на магистерски трудови од областа на
комуникациските науки.
Има објавено дванаесет поголеми научни и истражувачки трудови од
областа на политичките и комуникациските науки, стотина тематски студии
кои се однесуваат на релациите меѓу политичката сфера и другите области
во општеството, како и десетина брошури поврзани за етиката и
безбедноста во патниот сообраќај. Раководел со повеќе од стотина
истражувачки проекти, посветени на различни области, како што се:
јавното мислење во Република Македонија, организационата поставеност на
локалната самоуправа во земјата, односот меѓу медиумите и изборите,
комуникативноста на феномените од сферата на културата.