
Факултетот за политички науки во состав на Европскиот Универзитет- Република Македонија овозможува проширени знаења првенствено од политикологијата, но и од други области на општествените науки како што се комуникациските, економските, правните и социолошките. Во текот на додипломските студии на Факултетот за политички науки, темелно и повеќестрано се изучува политичкиот феномен, неговата детерминираност и влијание врз поширокиот општествен систем. Посебно внимание се посветува на внатрешната структура на политиката, на елаборирањето на нејзиното ткиво, неговите облици на постоење и функционирање, меѓусебниот сооднос на сегментите на мошне разгранетиот организам на политичкото.
Со завршени тригодишни студии, дипломираните студенти ќе бидат оспособени за стручно, аналитично и компетентно извршување на дејства, активности и работи во рамките на органите на државната власт и државната управа, во политичките институции и пазарно ориентирани организации и институции, во здруженија на граѓани и фондации, во форми на граѓанско учество и цивилно општество, во меѓународни институции и нивни претставништва во земјата, во европски установи и организации. На четврта и петта година на Факултет за политички науки, наставата се реализира на три студиски насоки, и тоа: применета политика, меѓународни односи и дипломатија и комуникации и медиуми.
Императив на Факултетот за политички науки е следење, проучување и споделување на знаењата и современите случувања во сферата на политиката, меѓународните односи и дипломатијата, како и за комуникациите и медиумите и да даде академски придонес во тие процеси. Факултетот самостојно ќе проектира, организира и реализира истражувања кои за предмет на проучување ќе ги имаат актуелните процеси во политиката во Европа, на Балканот и во Република Македонија, како и за истражување на јавното мислење, класичните и новите медиуми. Факултетот ќе оствари соработка со меѓународни и регионални високообразовни и научно-истражувачки институции, како и заедничко учество во проекти и организирање конференции, семинари, трибини. За сите наставни дисциплици на Факултетот се подготвуваат и се издаваат учебници и учебни помагала, приспособени според содржините, обемот и пристапот кои се изучуваат на одделните предмети.
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|