
Иван Бимбиловски доктор на науки, еден од оние млади интелектуaлни потенцијали во Македонија кои ја градат македонската интелектуална мисла и наука со својот лик и дело.
По многу нешта особен и интересен, а пред се признаен и респектиран и интелектуално докажан, д-р Бимбиловски својата приказна ја започнува со импресии од своето студиско образование.
Иако сте млад вашето резиме е преполно со епитети и титули поврзани со вашата работа – доктор на науки, magna cum laude, доцент, продекан, правен експерт, меѓународен консултант. Каде досега се сте имале можност да студирате и работите?
Студирав во Будимпешта, Берлин и Торонто. Додека студирав и работев, најмногу како советник во неколку проектни конзорциуми, а одреден период и како асистент на академик Андраш Шајо. Тој е декан на правниот факултет на ЦЕУ и визитинг-професор на преку 20-ина факултети во Северна Америка и Западна Европа, врвен научник и интелектуалец, член на Унгарската Академија на Науките и Уметностите и сегашен Судија во Европскиот Суд за Човекови Права во Стразбур. Од него научив многу, и за сé што сум постигнал на полето на академската работа најзаслужен е токму тој. Откако докторирав, се вратив во Македонија, и сега работам како професор на правниот факултет при Европскиот Универзитет и како консултант за познати меѓународни организации и домашни истражувачки институти. Поврзани со мојата работа се и настапите на разни конференции, семинари, обуки и саеми. Од нив, најдраги ми се оние во Чешка, Полска, Киргистан и Кина.
Автор сте на многу трудови. На кои теми најчесто пишувате?
Претежно, тоа се трудови на стручни теми, најчесто од областа на правото и особено од областа на уставното право, којашто е една од моите потесни специјализации. Но, дел од моите објавени трудови се и на други теми, како на пример, регионален развој, прекугранична соработка, миграции...
Речиси сите ваши дела се објавени во странство. Зошто?
Па, можеби затоа што настојувам да го гледам светот како единствен, интегриран пазар на идеи и можности, а Македонија е само мал дел од него. Но, истовремено, тоа е резултат на сплет на околности. Најверојатно, во странство има повеќе интерес за темите на кои пишувам, се нудат подобри услови за објавување, јас лично претпочитам да пишувам на англиски, самите издавачи имаат проактивен однос. Еве, на пример, мојата најнова книга се објави во странство токму како резултат на сплетот на сите овие околности за коишто зборувам. Имено, книгата ја обработува проблематиката на воените и вонредните состојби од споредбена уставна перспектива. Без сомнение, темата е интересна и за нас, особено поради случувањата во 2001-та. Но, сепак, таа првенствено ги тангира светските воени сили. Можеби затоа уште и кога не беше целосно завршена, книгата го привлече интересот на издавачите од тие земји.
Како странските издавачи дознале дека пишувате дело, токму со таа тематика?
Па, тоа е тоа што јас погоре го нарекувам проактивен однос на издавачите. Тие следат сé што се случува по светот, читаат списанија, посетуваат веб-страници, одат по конференции...На една таква конференција, претставив дел од работните материјали за книгата. На истата таа конференција присуствувале и претставници на една издавачка куќа од Германија. По настапот, ме исконтактираа и ми понудија коректен договор. Книгата е сега објавена во САД, Европа и Јапонија, а може да се купи и преку најпознатите интернет-книжари, како што се Амазон.ком и Либри.де.
Колку време е потребно да се напише еден таков труд?
Па, зависи од повеќе фактори, како што се комплексноста на темата, видот и обемот на трудот (нпр. дали се работи за книга, учебник, напис или сл.), потребата од претходни истражувања и дополнителни проучувања на одредени аспекти, тековни работни обврски, моменти на инспирација, дали трудот се пишува самостојно или во соработка со други експерти...За мојот последен самостоен труд ми беа потребни 4 години истражувачка и творечка работа. На најновиот напис, пак, којшто треба да излезе во еден реномиран светски журнал, работам веќе 6 месеци, заедно со, според мене, најголемиот наш македонски генијалец, д-р Нинослав Марина. Тој за своите 35 години веќе ги има добиено најпрестижните награди и стипендии во светски размери (нпр. наградата Мари Кири, која годишно се доделува само на 10-тина млади научници на ниво на цела Европа) и во моментов е на втори постдипломски студии по електротехника на Принстон Универзитетот во САД, по успешно завршување на докторските студии во Швајцарија и постдокторатот на Хаваи и во Норвешка. Искрено се надевам дека во наредните 6 месеци ќе успееме да го завршиме текстот, којшто има навистина интересна тема, имено, претставува интердисциплинарен обид да се оправда постоењето на еден контроверзен правен институт со помош на две математички теории.
Дали Македонија е земја во која се ценат ваквите трудови и колку финансиски тоа е исплатливо?
Па имам впечаток дека се ценат. Сега, некој ги цени зашто му се допаѓа тоа што е напишано, друг зашто смета дека тешко се пишуваат, трет бидејќи верува дека се корисни за општеството, четврт дека ги поврзува со личен престиж и повисок социјален статус...Секој тргнува од различни причини, но стигнува до ист заклучок – дека стручните трудови се работи што треба да се ценат. А дали е финансиски исплатливо да се пишуваат? Па мислам дека во споредба со другите жанрови и не е баш толку многу. Претпоставувам дека тоа се должи на фактот што стручните трудови се поспецифични, односно таргетираат потесна група на читатели, па и затоа се издаваат и продаваат во помали тиражи. Но, повеќе издадени научни дела најчесто значи и поголеми шанси да се добие некој добро платен консултантски ангажман, така што, посредно, подготвувањето стручни трудови може да има финансиски импликации. Но во секој случај и пред сé, научните дела не се прават за пари. Поривот да се напишат извира од потребата нешто да се каже, да се сподели мислењето, да се остави трага, да се даде придонес за подоброто утре, а никако од страста кон парите. Има нешто многу повозвишено и повредно во пишувањето научни дела од материјалната корист. Тие се вонпросторни и вонвременски и можат на авторот да му подарат вечност и живот дури и после смртта; парите не го можат тоа. Не ми верувате? Запрашајте се само колку пати деновиве сте го сретнале името на некој богат трговец што живеел, да речеме, пред 500 години...ниеднаш, нели? А колку, пак, името на некој познат научник кој е одамна умрен, нпр, Аристотел, Платон, Њутн, Ајнштајн...постојано, така? Значи, луѓето продолжуваат да живеат преку спомените што ги имаме за нив, а ние имаме многу повеќе причини да се сеќаваме на научниците од минатото отколку на богатите трговци...се разбира, освен ако не ги подариле своите пари за поддршка на некој научник (или уметник). :)
Моментално сте професор на Европскиот Универзитет. Колку ве исполнува тоа?
Секако дека е пријатно да се работи со млади луѓе (не дека јас сум нешто многу стар :) ) кои се желни за нови знаења и кои имаат амбиција да успеат. Повеќето од моите студенти се баш такви. Понекогаш знаат и да се немирни, ама сите до еден се добри деца од добри фамилии и навистина се трудат кога е тоа најпотребно. А и наставничкиот кадар е внимателно одбран и подготвен за соработка и помош во секое време. Затоа, можам да кажам дека работата како професор на Европскиот Универзитет ме прави среќен...но не и задоволен... Незадоволен сум затоа што условите во кои се одвива високо-образовниот процес во Македонија, и тука зборувам општо за целата држава, можат да бидат и подобри од тоа што се во моментов. Но впрочем, затоа и се вратив од странство, да придонесам Македонија да има подобро универзитетско образование. Тоа е предизвикот кој целосно ме преокупира во овој период. Затоа секојдневно настојувам во моите предавања да ги пренесам знаењата што сум ги стекнал на престижните светски универзитети, да ги интегрирам методите по кои се работи таму, со еден збор, да направам сé да не мора нашите студенти веќе да одат по светот по знаење, туку знаењето од светот ним да им дојде дома. Можност да го правам тоа што најдобро го знам најдов на Европскиот Универзитет, пред сé благодарение на мојот почитуван декан, г-динот Ѓорѓи Спасов, за кој знам дека нема потреба посебно да го претставувам, бидејќи е многу добро познат на целата наша јавност. Тој имаше целосна доверба во мене, ми понуди да се приклучам на неговиот тим и ми даде и сеуште секојдневно ми дава безусловна поддршка за сé што правам.
Покрај сите овие обврски имате ли воопшто слободно време?Времето не го делам на слободно и зафатено, туку на исполнето и неисполнето. А неисполнето време ми личи на време на не-живот. Затоа, настојувам секој момент да ми е исполнет – со активности за развивање на умот, духот и телото. Дека дури тогаш кога длабоко во себе ќе ги искачи овие три планини, човек станува господар на својот живот. Затоа луѓе, читајте книги, учете јазици, шетајте по светот, дружете се, слушајте музика, пишувајте песни, творете, гледајте филмови, спортувајте, одете на фитнес... :) Правете го сето она што ве исполува, умствено, духовно, телесно; не седете само онака.
Со оглед на тоа што досега сте престојувале во многу земји и сте виделе каков ноќен живот имаат, според вас каде се наоѓа Скопје?
Уф, по светов има многу градови што имаат добар, динамичен и разновиден ноќен живот. Мене лично, најмногу ми оставиле впечаток забавите во Хавана на Куба, и во Бангкок, Тајланд...а и Пекинг не е лошо, има многу јаки места за излегување. Техно забавите, пак, се многу добри во Берлин, концертите и кината – во Торонто. Будимпешта ми е многу драга дека таму поминав голем дел од мојата младост. Во споредба со сите овие споменати и неспоменати места, Скопје може да изгледа како прилично мала и досадна паланка. Но, за добра забава не е потребно само добро место. Тоа, на крајот на краиштата, и не е ни толку важно. Најважно е твоите драги луѓе да се околу тебе. А место кадешто моите најдраги луѓе се секогаш околу мене е Скопје. Затоа јас Скопје и ноќниот живот во него си го сакам најмногу на свет и не го менувам за ништо.
Кога би можеле да бирате кое место би го избрале како идеално за вашата работа и воопшто за живеење?
Идеално за работа би било некое место во Азија или Африка, затоа што најголемите општествени промени денес се случуваат токму таму. А јас сакам да сум дел од промените, да бидам носител на новото време... Идеално место за живеење? Било каде, само да е покрај море и да е топло...и да има многу луѓе. Обожавам динамични градови, полни со хаос, врева, турканици, движење...дека во нив ја препознавам дефиницијата на животот. Е сега, кога би зборувале за место коешто би било идеално и за работа и за живот воопшто, тогаш тоа би требало да е комбинација од горните две. Хм, Македонија не е далеку од тоа – во тек се интензивни општествени промени, полна е со хаос, знае да биде доста топло, се надевам набрзо ќе има и повеќе луѓе...е само морето...а тоа морето...ама ене Солун каде е...
*Интервју можете истотака да го најдете на seznam.mk