
Токму на Денот на Европа, 9 Мај, Махмут Тефик, чиј просек на Факултетот за правни науки при ЕУРМ е 9.80, ја прими наградата која им се доделува на најдобрите оратори во државава од страна на Европското движење во Македонија.
Махмут Тефик, студент на втора година на Факултетот за правни науки при Европскиот универзитет РМ, токму на Денот на Европа 9 Мај, ја прими наградата која се доделува на најдобрите оратори во Македонија од страна на Европското движење во Македонија. На неодамнешниот натпревар по ораторство, што се одржа во Штип на 5 мај, во конкуренција на студенти од високообразовни институции од целата држава, тој го освои третото место. Наградата, вели, е голем поттик за него да го заврши факултетот, а истовремено ја оправда и довербата на професорите и асистентите на ЕУРМ кои му помогнаа да се подготви и учествува на овој натпревар.
- Темата Обединети во различностите" беше иста за сите, но поентата, и концептот на говорот беше различен. Јас зборував за Роми, за селективната политика и дискриминациските практики кон нив, каде што истите иницираат сегрегација наспроти обединување што практично значи предуслов за влез во Европската унија, вели Тефик. Како и сите млади и тој има своја цел во животот.
- Мојата цел од секогаш е да станам ромски претставник, независно дали политичар, градоначалник или пратеник. Но прво да го завршам факултетот. Јас сум целосен стипендист на Европскиот универзитет РМ по основ дете без родители и како благодарност до г. Бојо Андрески, претседател на Европскиот универзитет РМ, кој ми овозможи да студирам на ЕУРМ, намерата ми е сите испити на додипломски студии да ги положам со солидни оценки, додава Тефик, чиј просек на Факултетот е 9.80. Во гимназијата Никола Карев", каде што има завршено средно образование тој во моментов е предавач по право во рамките на Младинскиот образовен форум.
За оправданоста на довербата која му е укажана на овој млад човек зборуваат и самите професори и асистенти.
- Махмут Тефик е одличен студент, вреден и работлив, така што ја оправдува и довербата и стипендијата на ЕУРМ. Тој има и добри убедувачки способности, што е всушност и особина која треба да ја поседува еден оратор, па со наградата се покажа дека е и вистински избор за овој натпревар. Сметаме дека е добра идеја во иднина и на нашиот Факултет да се организира натпревар по ораторство. Студентите на Факултетот за правни науки од оваа учебна година го слушаат предметот реторика, чија суштина е изучување на техники на држење говор и подобрување на ораторските способности кај студентите, вели м-р Биљана Начарова, асистент на Факултетот за правни науки при ЕУРМ.