

Проф. д-р Блаже Николовски роден е во Крива Паланка на 11.03.1949 година. Основно образование и гимназија завршил во Скопје, а потоа се запишал на Медицинскиот факултет во Скопје каде во 1975 година дипломирал. Во 1988 година одбранил магистериум, а во 1991 година докторирал на тема: Допринос во изучувањето на епидемиологијата, клиничката слика и превенцијата на бруцелозата. Во 1992 година избран е во звањето доцент на Медицински факултет во Скопје, во 1997 за вонреден професор, во 2002 година за редовен професор, а во 2007 реизбран во звањето редовен професор. Во три мандати бил шеф на катедрата по Епидемиологија и биостатистика на Медицинскиот факултет. Во два мандата бил претседател на Здружението на епидемиолози на Македонија, а во еден мандат, заменик на претседателот. Бил организатор и претседател на три големи Конгреси на лекарите од превентивна медицина на Македонија, со меѓународно учество, на кои учествувале и голем број познати имиња од превентивната медицина од многу земји од светот. Партиципира како председател или член во бројни тела и комисии при Министерството за здравство и Министерството за одбрана.
Четири години работел како општ лекар, а потоа добил специјализација по епидемиологија која ја завршил на Военомедицинската академија во Белград во 1984 година. Потоа работел како епидемиолог во воениот Завод за превентивно - медицинска заштита, а покасно е поставен и за негов Управник. Од 1994 година бил Управник на Воената болница во Скопје, на која должност останал до 2000 година. Потоа е поставен за началник на Институтот за превентивна медицина во Воената болница. Од 2006 до 2008 година работи во Заводот за здравствена заштита во Скопје. Од 2008 година е на Првиот приватен Европски универзитет - Република Македонија.
Учествувал во повеќе научно - истражувачки и студиски задачи. Има објавено околу 100 научни и стручни труда меѓу кои и осум книги, од кои пет се учебници за студенти.
Од Македонско лекарско друштво има добиено 3 признанија. Како поранешно воено лице има добиено 3 одликувања и една парична награда.