
На Европскиот универзитет РМ вчера беше потпишан договор за соработка меѓу пет приватни универзитети од Македонија. Европскиот универзитет, Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, ФОН, Меѓународниот балкански универзитет од Скопје и Американ колеџ исто така од Скопје, во иднина ќе соработуваат во процесот на високообразовна дејност, како и во сферата на научната и истражувачка работа со цел поквалитетно високо образование.
Со овој договор за соработка докажуваме дека не се плашиме од висината на знаењето на нашите универзитети и натпреварот што треба да го имаме. Тоа е, всушност, и нашата најголема придобивка. Истовремено ги разбивме и предрасудите дека приватните универзитети меѓусебе немаат никаква соработка. Напротив, нашата концепција е на студентите да им дадеме што повисоки знаења со оглед дека работодавците ги бараат токму најдобрите, истакна проф. д-р Бојо Андрески, претседател на Европскиот универзитет РМ.
Во наредните пет години овие универзитети, меѓу другото, се обврзаа заеднички да учествуваат во научни и образовни програми финансирани од Европската унија, заеднички да организираат семинари, научни конференции и симпозиуми, да разменуваат научна литература од заеднички интерес, како и наставни планови и програми за сите циклуси на студии.
На вчерашната конференција проф. д-р Андрески истакна дека државата што поскоро треба да се справи со сите универзитети кои запишуваат студенти иако немаат дозвола за работа или не ги исполнуваат условите пропишани со Законот за високо образование. Тој, исто така, ги повика надлежните државни институции на подеднаков третман на студентите од приватните и државните универзитети во однос на финансиската помош и бенифициите.
Мислам дека ќе успееме да дојдеме до таа позиција зашто според ранг-листите, најдобрите студенти во светот секогаш се од приватните високообразовни институции. Треба да им дадеме можност за натпревар, без разлика дали студентот е од приватен или од државен универзитет. Нашата намера е да се збогати и да му се даде поголема сила на високото образование", додаде проф. д-р Андрески.
Извор: Вечер