
ЕВРОПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ – РМ ДЕНЕСКА ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ НА КОШАРКАРИТЕ И СТРУЧНИОТ ШТАБ НА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКАРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА, ПОРАДИ ИСТОРИСКИОТ УСПЕХ ШТО ГО ПОСТИГНАА НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО, А ЗАРАДИ НИВНО НАТАМОШНО УСОВРШУВАЊЕ.
ЕВРОПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ-РМ ДЕНЕСКА УПАТИ И ПОРАКА ПО ПОВОД ГОЛЕМИОТ ДРЖАВЕН ПРАЗНИК-ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА, 8-МИ СЕПТЕМВРИ, КАКО И ПО ПОВОД СПЕКТАКУЛАРНОТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ОВОЈ ГОЛЕМ ПРАЗНИК.
Со најголема и најискрена радост, ние како Европски универзитет се вклучуваме во значајниот јубилеј -20 години од самостојноста, сувереноста и независноста на нашата татковина- Република Македонија.
Историската можност, копнежот и стремежот на повеќе генерации, практично стана реалност во полна смисла- токму со одржаниот референдум за суверена и независна Република Македонија, рамноправна членка и активен, креативен, и конструктивен член на меѓународното семејство на државите.
Во таква држава, демократска, просперитетна и отворена за нови предизвици и идеи, настана и одлично работи и нашата високообразовна институција, Европскиот универзитет, прв приватен универзитет во земјата, неспорен лидер во приватното високо образование и образовниот систем воопшто.
На сите граѓани на Република Македонија, на македонскиот народ и на сите припадници на етничките заедници, од срце им го честитаме 20-годишниот јубилеј на самостојна држава Република Македонија.
Цврсто сме убедени во големите историски потенцијали на нашата земја, силно ги поддржуваме нејзините настојувања да обезбеди европска иднина со зачленувањето во Европската унија и во НАТО-Алијансата.
Оправдано веруваме дека тоа ќе се случи во скоро време.
Истовремено, со големиот државен празник, се случи и историскиот успех на македонската кошаркарска репрезентација на европското првенство во Литванија. Нашите кошаркари, нашите херои се издигнаа до небото и ја прославија и македонската кошарка и македонскиот спорт и државата Република Македонија.
Упатуваме илјадници честитики за радостите што ни ги приредија.
Наш придонес кон оддавањето признанија на кошаркарите и на стручниот штаб е доделувањето стипендии на сите наши факултети, на сите циклуси и студиски програми, во зависност од изборот, потребите, желбите и интересите на кошаркарите и на стручниот штаб.
Оваа одлука се применува веднаш.
Со полно срце и најголема радост изјавуваме дека сме среќни што можеме да им понудиме ваква шанса на македонските кошаркарски јунаци.