
Студентите од Европскиот универзитет РМ и Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии при Универзитетот во Сараево, во иднина ќе соработуваат во областа на безбедносните науки. На ЕУРМ вчера беше потпишан договор со кој двете високообразони институции се согласија на меѓусебна размена на наставници и соработници, но и студенти, а соработката ќе се однесува и на заедничка работа на стручни и научни проекти и средби.
Договорот е голем чекор во образованието. Секогаш треба да се трага кон повисоките цели во безбедноста, особено во земјите во транзицијата. Со овој договор се отвара ново поглавје не само во размената на студентите, туку и заедно да понудиме подобар кадар. Факултетот за криминалистика е многу популарен во БИХ, а кадрите се вработуваат и во државниот и во приватниот сектор. Побарувачката за овој кадар е многу голема, истакна проф.д-р Рамо Маслеша, од Универзитетот во Сараево.
Претседателот на ЕУРМ проф.д-р Бојо Андрески, пак, посочи дека уште при формиањето на Факултетот за детективи и криминалистика на Европскиот универзитет целта е да се оспособи кадар кој секогаш ќе биде чекор пред криминалците. Според ректорот на Европскиот универзитет РМ, проф.д-р Панче Јовановски договорот за соработка е од огромно значење со оглед дека заедничката цел за двете високообразовни институции е создавање токму на поквалитетен кадар. Ова го потврди и деканот на Факултетот за детективи и криминалистика при ЕУРМ, доц.д-р Стојан Славески кој истакна дека очекува уште поголема соработка од онаа содржана во договорот.
Факултетот за детективи и криминалистика при ЕУРМ е релативно млад факултет, но младите се повеќе се запишуваат бидејќи го препознаваат квалитетот кај нас, вели доц.д-р Славески.
Двете високообразовни институции својата соработка ќе ја градат и во меѓусебна размена на искуства при организирање на образовна и научна работа, како и во размена на стручната литература...