За нас

Историјат

Историјата на Европскиот универзитет – Република Македонија започнува со основањето на Факултетот за општествени науки во 2001 година. Активностите на Европскиот универзитет беа признати на 01. 06. 2005 кога беше акредитиран од страна на Одборот за акредитација на Р. Македонија. Врз основа на тоа, Европскиот универзитет – Република Македонија е прв и единствен приватен акредитиран универзитет во регионов кој нуди современо образование и кој постојано ги развива и надградува процесот на здобивање на знаење во согласност со современите светски образовни трендови.

Следната, 2006 година е впечатлива по основањето и акредитацијата (Ноември 2006) на уште три нови факултети: Факултет за комуникации и медиуми, Факултет за јавна администрација и Факултет за арт и дизајн. Дотогаш постоеја Факултетот за економски науки и Факултетот за информатика кои ги задоволуваат растечките потреби за современо образование во Р. Македонија и регионот.

Покрај тоа, истата година (18. 05. 2006) според одлуката Бр. 12 на Одборот за акредитација на Р. Македонија, беше потврдена адекватноста на програмите на Европскиот универзитет согласно европските стандарди на 3+2 модулот на студирање. Во почетокот на 2009 година Првиот Приватен Универзитет - Европски универзитет Република Македонија подготви елаборат за примена на решенијата и одредбите од новиот закон за високо образование. Во моментов на Европскиот универзитет – Република Македонија постојат седум факултети:

  1. Факултет за економски науки
  2. Факултет за информатика
  3. Факултет за правни науки
  4. Факултет за политички науки
  5. Факултет за арт и дизајн
  6. Факултет за детективи и криминалистика
  7. Факултет за стоматологија


Европскиот универзитет - Република Македонија се етаблира во Универзитет кој континуирано го развива и унапредува процесот на добивање знаења и образованието, истовремено создавајќи висококвалитетна едукативна и натпреварувачка средина. ЕУРМ се определи за квалитет, за примена на најдобрите практики на високото образование во сопственото работење. Како резултат на таквата определба, ЕУРМ станува членка на ИАЦБЕ во 2005, а по исполнувањето на условите се здобива со статус Кандидат за акредитација на 04.08.2006 година. Тргнувајќи од насоките и начелата на ИАЦБЕ, ЕУРМ разви План за проценка на резултати врз основа на кој е извршена самоевалуација во академската 2006/2007.